Филхармонијата ќе ја почне концертната сезона 2017/2018 на 21 септември

Со комплексни и величествени оркестарски дела кои ќе бидат изведени под диригентската палка на Борјан Цанев, на 21 септември во новата сала ќе почне концертната сезона 2017/2018, соопшти Македонската филхармонија, која ја подготвила програмата за новата сезона, најавувајќи многу премиери, нови и досега неизведени дела.

Меѓу позначајните уметнички имиња кои ќе гостуваат на македонската сцена Филхармонијата ги издвојува виолинистите од Русија, Сергеј Крилов, Алена Баева и Никита Борисо-Глебски, како и истакнатиот пијанист Борис Березовски кој пред македонската публика настапи и по повод 70-годишниот јубилеј од постоењето на Македонската филхармонија.

Читај повеќе

Скопски летен ритам – програма од 20 – 23 јули

20.07.2017 Четврток
„Две гитари – еден звук “ Концерт  на Дуо Бојкоски
20:30 часот  Плоштад Мајка Тереза
Виртуозни изведби на: Бах, Моцарт, Бетовен, Жобин, Пако Де Лусиа, Стинг, Клептон, како и сопствени композиции.

21.07.2017 Петок
„Понуда за брак“ – театарска претстава на Детскиот алтернативен театар „Мали, а големи“
20:30 часот Плоштад ВМРО
Едночинката „Понуда за брак“ од Антон Павлович Чехов е тетарска престава со која ќе настапат членовите од Детскиот алтернативен театар “Мали, а големи” кој функционира во рамките на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија.

22.07.2017 Сабота
Концерт на „Монистра“ – етно група
20:30 часот Плоштад Филип Втори
Тие се 15 години на сцена и ја негуваат неправилната ритмика на македонскиот звук. Неодамна го промовираа вторио музички албум „Киниса моме на вода“, филигрански изработен, со кој го збогатија нивниот авторски опус.

23.07.2017 Недела
Концерт Трио „Ишарет“ – македонска инструментална етно музика
20:30 часот  Плоштад Богородица
Две гитари и несекојдневни удиралки, бендир, кахон и костарикански тропалки се богатство од музика на улица. Изворната музика со примеси на џез, класика или фламенко техники, даваат еден посебен „ишаретски“ шмек на песните и прават лезет за душа, за тој што во моментот на отворена сцена ги слуша.

Концерт на Гоце Стевковски Септет на Скопско лето 2017

Концерт на Гоце Стевковски Септет ќе биде одржан вечер во Сули ан, во рамки на манифестацијата „Скопско лето 2017“.

Гоце Стевковски кој на пошироката јавност и е познат по неговите ангажмани како џез тапанар во повеќе етаблирани групи како Архангел, Леб и сол, Бодан Арсовски Езгија Бенд, Проект Жлуст, ДНО, а во последниве години својот музички интерес го насочува кон џез музиката, учествувајќи во бројни џез проекти и соработувајќи со скоро сите значајни имиња на македонската и балканската џез сцена.

Покрај изведувачката дејност, Гоце Стевковски работи и како професор по тапани и удиралки на Џез академијата во Штип.

На концертот во Сули ан Гоце Стевковски Септет ќе изведе композиции од првиот самостоен албум на Стевковски, „7 приказни”, кој се движи во рамки на пост-хард боп звукот, како и новиот албум „Кожув” кој претставува потрага по корените односно преплет на современиот џез со примеси од теми карактеристични за традиционалната македонска музика.

За потребите на самите настапи, Септетот тековно трпи измени во самиот состав, а на концертот во Сули ан покрај Гоце Стевковски ќе настапат и Иван Иванов – саксофон, Кирил Кузманов – саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Кирил Туфекчиевски – контрабас, но и гостите Матијаш Гајер (Унгарија) – пијано и Тодор Бакрџиев (Бугарија) – труба.

Балетската претстава „Црвената соба“ изведена на Сплитско лето

Ансамблот на Балетот при МОБ со претставата „Црвената соба“ настапи на летната сцена Сустибан во Сплит, во рамки на фестивалот Сплитско лето.

Балетската претстава  е на музика на Франц Шуберт, кореографијата е на Игор Киров, а костимите ги изработи Александар Ношпал.

Со оваа изведба Балетот на МОБ влезе во трка за наградата која ја доделува фестивалот – Златна плакета за најдобра балетска претстава, која треба да ја избере четричлено жири.

Џез-викенд на „Охридско лето“, новитет на фестивалската програма

Со концертот на холандско-британското „Доминик Маршал трио“ утревечер на сцената Долни Сарај започнува џез-викенд програмата на годинашниот 57-ми Фестивал „Охридско лето“.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, станува збор за новитет во фестивалската програма, со настап на врвни уметници од светот на џез-музиката.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски истакна дека претстојниот настан претставува обид за збогатување на програмата на фестивалот со музичко-уметнички збиднувања замислени да ги комплетираат уметничките доживувања на се поразличната фестивалска публика.

Програмата за претстојниот џез-викенд предвидува по два концерта дневно во текот на наредните три вечери, со почеток од 21 и од 22:30 часот на сцената Долни Сарај.

На програмата се целовечерни концерти на македонско-данскиот бенд „МОМБ и Памперс од д фол“, преку данскиот гудачки квартет „Т.А.О.“, финската уметница на бандеон и хармоника Хели Сиекинен и американско-британскиот „Project Hideaway“, до финалето в недела со настапот на американскиот бенд предводен од Лери Дан, инаку поранешен клавијатурист на светски познатата група „Earth, wind and fire“.

– Почестени сме што сме дел од фестивалот „Охридско лето“, во овој прекрасен град исполнет со култура, на уште поубавото езеро…Ова е мое прво гостување во Македонија, со нетрпение и голема возбуда го очекуваме настапот со останатите членови на мојот бенд „Лери Дан и пријателите“. На прекрасната сцена покрај самото езеро ќе изведуваме наши авторски композиции, класични џез-дела, секако и дел од светските хитови на „Earth, wind and fire“, рече Дан.

Финската уметница на хармоника и бандеон Хели Сиекинен, која инаку е изведувач на класични музички композиции, рече дека специјално за „Охридско лето“ ќе настапи со програма малку поразлична од нејзиниот вообичен репертоар.

– Мошне сум среќна што ја добив можноста да настапувам тука со нова програма. Очекувам забавна вечер за сите што ќе дојдат на мојот концерт, рече Сиекинен.

Посебен шлагворт за фестивалската публика ќе бидат и некои композиции што светските џез-уметници ќе ги изведуваат во 7/8 такт, карактеристичен за македонската музика.

Две нови книги од серијалот “Хари Потер” ќе бидат објавени во Октомври

“Индипендент” објавува дека две нови книги од серијалот “Хари Потер” ќе бидат објавени во октомври, по повод 20-годишнината од издавањето на првиот том за момчето волшебник. Нивното излегување ќе одговара токму со почетокот на харипотерската изложба, која ќе се одржи во Британската библиотека меѓу Октомври и Февруари.

Читај повеќе

Ревија на наградени филмови од „Анимакс 2016“

На „Скопско лето“ вечер ќе биде прикажана ревија на филмови наградени на 6. Меѓународен фестивал на анимиран филм „Анимакс Скопје фест 2016“.

Наградата „Златна тула“ на фестивалот минатата година ја освои јапонскиот краток филм „Парада на Сатие“ на авторот Коџи Јамамура. Холандскиот автор Дигна ван дер Пут ја доби втората награда (Сребрена тула) за филмот „Парада“, а „Бронзена тула“ доби холандскиот филм „Бинго!“ на Патрик Шоенмакер.

За најдобар филм за деца беше награден „Ѕвездено такси“ од Словачка на авторот Јурај Крумполец, избран со гласови од детската публика. Покрај нив, на ревијата вечер ќе бидат прикажани и канадскиот „Кожа“ на Николас Брулт и македонскиот анимиран филм „Акт“ на Ацо Станковски.

Ревијата ќе почне во 21 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан.

Изложбата „Тремоло“ во Музеј во Ерменија

Во Музејот на модерна уметност во Ереван, Ерменија вечер ќе биде отворена изложбата „ТРЕМОЛО“ на македонските уметници Милан Андов, Јован Балов и Атанас Ботев. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓеоргиевски.

Оваа изложба којашто го презентира македонското современо сликарство во Ерменија е резултат на соработката меѓу две проект галерии во Берлин: „Прима Центер Берлин“ чиј раководител е Јован Балов и „ИнроеирДасеин“ раководена од ерменскиот уметник Арчи Галенц.

Реализацијата на оваа изложба е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Битолскиот театар ја подготвува „Сон на летната ноќ“

Aнсамблот на Народниот театар-Битола ја подготвува претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на гостинот од Калифорнија, Џон Блондел.

Од Битолскиот театар информираат дека станува збор за осма премиерна претстава во 2017 година која на 31 јули ќе биде одиграна на матичната сцена, а на 5 август, премиерно на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“.

Читај повеќе

„Ана Комнена“ на Охридско лето

Театарот „Џинот“ од Велес вечер, во рамки на официјалната програма, ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“ со претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев.

Читај повеќе