Сешенс: Не поднесувам оставка на функцијата јавен обвинител на САД

Американскиот државен јавен обвинител Џеф Сешенс изјави дека нема да поднесе оставка и покрај изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп дека жали што токму него го избрал за таа функција.

– Планирам да продолжам да си ја вршам својата работа, изјави Сешенс, кој воедно е и американски секретар за правда, за Си-Ен-Ен.

Ваквата изјава претставува реакција на интервјуто на Трамп за „Њујорк Тајмс“ во кое тој отворено вели дека „во никој случај не би се определил за Сешенс, доколку знаел дека тој ќе се спасува себе си од главната истрага во врска со контактите со руски функционери“.

Според Трамп, таквиот потег на државниот обвинител е „крајно нефер однос кон претседателот“.

Сешенс одлучи да се исклучи себе си од истрагата, откако призна дека во текот на претседателската изборна кампања во 2016 година се сретнал со рускиот амбасадор во САД.

Претседателот Трамп во интервјуто за весникот го осудува својот министер и државен обвинител поради, како што вели, „давањето лоши одговори“ во текот на прелиминарното сослушување на кое и призна дека се среќавал со амбасадорот на Русија.

Интервјуто во „Њујорк Тајмс“ го покажува незадоволството и револтот на претседателот на САД за тоа како се развиваат настаните околу истрагата за руските врски.

Сешенс во својот одговор на острата критика и нескриеното незадоволство од претседателот вели дека тој и неговиот тим соработници во Обвинителство и во Министерството планираат да ја продолжат својата работа.

– Засега ние функционираме и јас сум уверен дека можеме да работиме на ефикасен начин, изјави Сешенс.

Тој не одговори директно на прашањето како ќе може да функционира, кога веќе ја нема подршката од претседателот, туку само нагласи дека „сега тимот работи“.

Овој поранешен конзервативен сенатор е еден од првите републиканци кои отворено го поддржаа Доналд Трамп во неговит обид да влезе во трка за Белата куќа, соработувајќи како негов висок советник за политика, безбедност и внатрешни работи.

Помпео: Русија сака да ја казни Америка

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Мајк Помпео, тврди дека Русија не планира да ја напушти Сирија и дека „ќе продолжи да се меша во американските работи со цел да ја казни Америка“.

Тој повторно го изрази своето уверување дека Русија се мешала во минатогодишните претседателски избори во САД, а односот на двете земји го опиша како „комплициран“.

Помпео додаде дека видел само минимални докази дека Русија спроведува сериозна стратегија против припадниците на Исламската држава во Сирија.

Тој истакна дека,  какви било предлози дека Русија е сојузник на САД во Сирија, не се поткрепени со она што се случува на терен.

Помпео, сепак, изрази очекување дека ќе има „места во светот“ каде САД и Русија ќе можат да соработуваат во борбата против тероризмот.

Говорејќи на безбедносниот форум во Аспен во Колорадо, Помпео нагласи дека тешко е да се замисли стабилна Сирија се додека Башар ал Асад е претседател на земјата.

Земјотрес и на Крит

Земјотрес со интензитет од 4,3 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран на грчкиот остров Крит.
Епицентарот на потресот бил 44 километри јужно од градот Јерапетра на длабочина од 10 километри.

Засега нема информации за повредни лица или причинета материјална штета.

О. Џej Симпсон ќе биде предвреме ослободен од затвор

Ѕвездата на американскиот фудбал, О. Џ. Симпсон (70) се здоби со право на условно ослободување од затвор, откако одлежа девет години за вооружен грабеж. Комисијата за предвремено ослободување во Карсон Сити одлучи дека тој може да излезе од затвор во октомври.

Во 2007, тој заедно со свој пријател обиле хотелска соба во Лас Вегас, му се заканувале со пиштол на колекционер на спортски трофеи, и го ограбиле. Симпсон за тоа, наредната 2008 година беше осуден на 33 години затвор. На судењето , Симпсон се правдаше дека не станува збор за грабеж, затоа што тоа биле негови лични трофеи што тој дошол да си ги врати, но судот не го прифати ваквото објаснување, па за двете кривични дела му определи максимална затворска казна.

Во случајот со грабежот во Лас Вегас, подоцна се утврди дека Симпсон бил во право кога тврдеше дека спортските трофеи што ги има одземено од хотелската соба,  биле негови, па казната ја издржуваше во затвор со средно определена безбедност, но таа не  беше намалена.

Претходно, во 1994, тој беше ослободен од обвинението за двојно убиство, коешто го привлече вниманието на цел свет. Имено, Симпсон беше обвинет дека ја убил сопругата Никол Браун и нејзиниот пријател Рон Голдмен.

Во 1997 пензионираниот спортист повторно се соочи со проблеми со законот, па мораше да плати казна од 33,5 милиони долари, по тужба од роднини на Голдмен.

На сослушувањето пред Комисијата, Симпсон одржа емотивен говор околу тоа дека во деветте години минати в затвор, тој си ги осознал грешките и дека сака остатокот од животот да го мине со роднините и со своите четирите деца. Комисијата притоа, земајќи го предвид и неговото добро поведение во затворот, одлучи дека тој претставува минимален ризик за јавната безбедност и може да биде пуштен условно.

Досегашните девет години се минималната казна, којашто беше потребна за да се разгледа неговата молба за предвремено пуштен на слобода.

По соопштувањето на одлуката на Комисијата за жалби во Невада, Симпсон, кој сега има 70 години, рекол- јас своето го отслужив.

Цунами во Бодрум по земјотресот на Кос

Земјотресот со итензитет од 6,2 степени, според Рихтеровата скала, што синоќа во 1.31 часот, по локално време, ги погоди југоисточните острови во Егејското Море, предизвика создавање на цунами со висина од десет метри во морето покрај турскиот град Бодрум, покажуваат податоците на сеизмичката опсерваторија „Кандили“ при Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул.

Во Бодрум и Датча се повредени 90 лица, но никој не е во критична состојба.

Земјотресот предизвикал силна паника меѓу жителите, кои ја поминале ноќта надвор од своите домови.

Голем број на турсти си заминаа од регионот бидејќи стравуваат од нови земјотреси.

Сеизмолозите наведоа дека не се очекува поголемо цунами.

„Кандили“ посочи дека земјотресот, чиј епицентар беше на грчкиот остров Кос, бил на длабочина од 7,8 километри.

Земјотресот се почувствувал на целото егејско крајбрежје на Турција со должина од околу 90 километри.

Епицентарот, коментираат сеизмолозите, бил многу близу до површината и поради тоа се почувствувал многу силно.

Од синоќа досега се регистирани 95 вторични земјотреси.

Земјотресот најмногу го погоди  Бодрум, каде сезонава е полно со туристи, вклучително и странци.

Во моментов на грчкиот остров Кос, каде беше епицентарот на земјотресот, има доста турски турсти.

Едниот од двете лица кои загинаа во земјотресот на грчкиот остров е Турчин, а другиот е шведски граѓанин.

Турција испрати ферибот на Кос за да ги пренесе во земјата лицата што се наоѓале на грчкиот остров. Анонимен турски извор наведе дека туристите масовно го напушаат Кос, каде има многу разурнувања. Во земјотресот на Кос беа повредени 150 лица.

Во Бодрум се урнал покривот на болницата, по што сите пациенти се евакуирани. Најмногу е погодено пристаништето на заливот Гумбет, близу Бодрум. Во регионот има прекин на дотокот на електрична енергија.

Сеизмолозите наведоа дека земјотресот предизвикал пукнатини на заливот Гокова.

Продолжуваат вторичните земјотреси, а како што се очекува, ќе траат уште околу еден месец.

Ексхумирано телото на Салвадор Дали

Останките на познатиот шпански уметник од областа на надреализмот, Салвадор Дали (1904 – 1989) беа ексхумирани доцна синоќа во каталонскиот град Фигерас. Причината за тоа е судската одлука по барањето на Пилар Абел, која тврди дека е негова ќерка.

Во присуство на правни лица, форензичари зедоа ДНК примероци од балсамираното тело на Дали.

Абел, којашто е родена 1956, тврди дека нејзината мајка била во врска со уметникот. Таа тоа го дознала од нејзината баба во 2007 година, и сега се обидува да докаже дека тој е нејзин татко. Ако ДНК тестот покаже дека Абел е во право, според шпанските закони таа би имала право да бара една четвртина од неговото наследство.

Резултатите се очекуваат по неколку седмици.

Катар воведува нови мерки за борба со тероризмот

Емирот на Катар шеикот Тамим бин Хамад ал Тани синоќа издаде указ со што се воведуваат промени во законот за борба со тероризмот, јави ДПА.

Указот содржи дефиниции за концептите на тероризмот, криминалот, терористички акти, терористички организации, како и положба за замрзнување на средства наменети за борба со финансирањето на тероризмот.

Документот предвидува и создавање на два нови национални листи на терористи и терористички организации, како и постапка за вклучување во овие листи и за оспорување на одлуката за тоа.

На 5 јули Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет соопштија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, обвинувајќи го за поддршка на тероризмот.

Тие наложија економски санкции и транспортна блокада за Катар и му поставија 13 услови за нормализирање на односите што и ги предадоа на Доха со посредништво на Кувајт.

Четирите земји се уште немаат добиено официјален потврден одговор.

Во текот на последните две недели неколкумина европски дипломати го посетија Заливот, обидувајќи се да помогнат за решавање на конфликтот, но не беше постигнат успех.

Десетици илјади Полјаци протестираа против реорганизацијата на судскиот систем во земјата

Десетици илјади лица синоќа излегоа на улиците на Варшава и другите полски градови на протести против спорните судски реформи на владејачката партија Право и правда, јавија светските агенции.

Според организаторите, околу 50.000 лица учествувале на протестот пред претседателската палата, а според полицијата биле 14. 000.

Демонстрантите го повикуваа претседателот Анджеј Дуда да стави вето врз законот за Врховниот суд, што на извршната власт и дава повеќе овластувања да влијае врз составот на Врховниот суд.

Остро незадоволство будат и другите два закона, кои, според нивните критичари, ја уништуваат независноста на судскиот систем и претставуваат закана за демократијата.

Полската премиерка Беата Шидло во специјалното обраќање на телевизија, изјави дека промените се резултат на општественото незадоволство од неефикасноста на судскиот систем и  вети дека владата нема да попушти под притисокот на „полски или странски активисти на интересите на елитите“.

Таа, се чини, го имаше предвид предупредувањето на ЕУ дека на Полска може да и бидат наметнати санкции, вклучувајќи ја и таа да биде лишена од правото на глас при донесување на одлуки на Унијата, забележаа американските медиуми.

Протестите добија нова сила откако Сејмот, Долниот дом на полскиот Парламент, вчера го усвои законот за Врховниот суд, што предвидува ослободување од функцијата на сите актуелни членови на судот со исклучок на избраните од претседателот. Се менува и структурата на судот, со додавање на тело кое ќе се занимава со нарушувањата на правилата или етичките норми во судскиот систем.

Се очекува денеска Сенатот, во кој владејачката партија има мнозинство, да го изгласа  новиот закон, што потоа треба да биде потпишан од претседателот и да може да влезе во правна сила.

Двајца загинати во протестите во Венецуела

Две лица загинаа во вчерашните протести во Венецуела, а девет други се ранети, јавија американските медиуми, повикувајќи се на податоци на главниот обвинител на земјата.

Вчерашниот генерален штрајк во земјата, организиран од опозицијата, ги испразни улиците на престолнината Каракас, соопшти ДПА.

Штрајкот беше организиран како форма на притисок врз претседателот Николас Мадуро да се откаже од плановите за уставни реформи. Целта на демонстрантите беше да се спречи  намерата на Мадуро на 30 јули да организира избори за членови на уставотворно собрание, што потоа ќе напише нов Устав на земјата, со кој ќе им се обезбеди мнозинство на владејачките социјалисти, кои со земјата управуваат уште од 1999 година.

На парламентарните избори во декември 2015 година опозициската Коалиција за демократско единство освои мнозинство и контрола врз Парламентот. Оттогаш опозицијата повикува на референдум за отстранување на претседателот Мадуро и за одржување нови претседателски избори.

Од Германија депортирани државјани на Косово, Србија и Македонија

Повеќе од 90 азиланти од Косово, Србија и од Македонија вчера од Баварија, Германија, биле колективно депортирани.

Министерството за внатрешни работи на Баварија соопшти дека тие од аеродромот во Минхен биле вратени во своите матични држави.

Федералната канцеларија за миграција и бегалци им ги одбила барањата за азил, бидејќи земјите од каде тие потекнуваат се сметаат за безбедни држави.

За повеќе од две години имало повеќе колективн депортации од Баварија за држави од Западен Балкан.

– Годинава се случија 32 колективни депортации со вкупно 659 лица за западен Балкан, изјави министерот за внатрешни работи, Јоаким Херман.

Освен тоа, според нив, 485 лица од Западен Балкан добороволно се вратиле назад.