Милан го носи плејмејкерот на Баер

Медиумите од Италија и Германија пишуваат дека „росонерите“ се на чекор до ангажман на фудбалерот од средниот ред на Баер Леверкузен, Хакан Чалханоглу.

Репрезентативецот на Турција веќе им кажал ДА на „Росонерите“ и Милан сега треба да пронајде заеднички јазик со „Фармацевтите“.

Се шпекулира со сума помеѓу 20 и 30 милиони евра за 23 годишниот фудбалер од средниот ред.

„Остварен е контакт со Милан“ – вели агентот на Чалханоглу, Бекташ Демирташ. „Милан е еден од најголемите клубови во Европа”.

„Но во моментов не можам да ви откривам за што разговаравме”.

Пато размислува и за трансфер кај големиот ривал на Милан

Бразилскиот напаѓач Алесандре Пато, признава дека иако Милан му е тимот кој му лежи на срце, сепак, не би можел да одбие и евентуална понуда од градскиот ривал на „Росонерите“, тимот на Интер.

Пато моментално настапува за кинеската екипа Tianjin Quanijan, а за италијанска Газета дело Спорт, прокоментира за својот поранешен клуб Милан.

Бразилецот за Милан настапуваше од 2007 до 2013 година, имаше импресивни партии, во кои постигна 63 голови, но за негова несреќа, повредите го спречија да напредува уште повеќе во кариерата.

Кливленд го разменува Лав

На повидок е голема размена на играчи во НБА лигата. Кливленд кавалирс најдоа начин како да стигнат до потписот на посакуваниот Пол Џорџ.

Вицешампионот е подготвен да го жртвува Кевин Лав за крилото на Индијана, во размена меѓу три клуба. Планот на Кавси е да го пратат Лав во Денвер, а Нагетси да се откажат од Кенет Фарид и Емануел Мудиај, или Вилсон Чендлер, кои треба да завршат во ростерот на Индијана. Денвер исто така треба да наследи еден пик од наредниот драфт.

Доколку овој трејд не се реализира, Кливленд има „план Б“, а во фокусот се Крис Пол и Кармело Ентони.

Раниери нов тренер на Нант

Познатиот италијански стратег Клаудио Раниери, кој до пред извесен период беше тренер на шампионот Лестер, по неколку месечната пауза, реши повторно да заплови во тренерските води.

Тој по добивањето на отказот во Лестер, долго време тактизираше, анализираше која би била најдобрата опција за него и неговата иднина, и тоа реши да биде во Франција, во редовите на Нант.

Кристал Палас има нов менаџер

Легендарниот холандски фудбалер и тренер, Франк Де Бур и официјално е нов менаџер на англискиот премиерлигаш, Кристал Палас.

Де Бур во редовите на лондонскиот клуб доаѓа по неуспешната авантура на клупата на Интер, откако по само неколку месеци беше разрешен од тренерското место на италијанскиот гигант.

За Кристал Палас потпиша тригодишен договор.

Младинците в среда ќе ги започнат подготовките за СП во Алжир

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија в среда ги почнува подготовките за настапот на СП за ракометари до 21 година во Алжир. Селекторот Илија Темелковски на располагање ќе има 19 репрезентативци, а првата фаза од подготовките ќе се реализира во Маврово.

По првата фаза во Маврово, македонските јуниори пред настапот на СП, на 10 и 11 јули ќе одиграат и две пријателски средби во Доха со младинската репрезентација на Катар, а можна е и пријателска средба со селекцијата на Словенија.

Светското младинско првенство за играчи до 21 година, ќе одржи во Алжир од 18 до 30 јули. Во групната фаза, Македонија ќе игра со Шпанија, Русија, Тунис, Бразил и со Буркина Фасо.

Еве кои ракометари ги планира Темелковски, со напомена дека Филип Талески се уште не е сигурен за настап на СП, бидејќи во време на траење на СП, клубот на Талески, Р.Н.Левен, ги почнува своите подготовки за новата сезона и засега не дава дозвола за настап на капитенот на младинската репрезентација.

Македонските фудбалски екипи ги добија судиите кои ќе им судат на натпреварите во Лига Европа

Eвропската куќа на фудбалот (УЕФА) ги одреди делителите на правдата за претстојното прво коло од квалификациите за Лига Европа.

Како што е познато Македонија ќе ја претставуваат три екипи, а на Пелистер, Работнички и Шкенија ќе им судат следните арбитри. Единствен клуб кој првиот натпревар ќе го игра на домашен терен е тетовска Шкендија, а на центарот на натпреварот во Струмица против Дачиа ќе застане Полјакот, Кшиштоф Јакубик, додека негови помошници ќе бидат Томаш Ниемировски и Марсин Борковски, исто така од Полска.

На Пелистер во Познањ ќе му суди судиската тројка од Португалија на чело со Луис Мигел Годињо и неговите помошници Антонио Годињо и Хозе Брага, додека мечот меѓу Работнички и Тре Пене ќе го судат Џејсон Ли Барселона и Јохан Ворд и Хуан Хозе Кандиљес од Гибралтар.

“Спартанците“ против Данска ќе бараат трето финале

Со максимален ефект од шест победи во исто толку одиграни натпревари, македонската одбојкарска репрезентација обезбеди место на завршницата во Европската лига.

За „црвено-жолтите“ ова ќе биде четврто учество во борбата за титулата, а за противник на „фајнл-форот“ во полуфиналето го добија домаќинот, Данска. Покрај Македонија и Данска место на Ф4 обезбедија и Шведска и Украина.

„Спартанците“ до сега имаат одиграно две финалиња, против Естонија и Словенија, и едно полуфинале против Црна Гора.
Полуфиналните натпревари се закажани за први јули, додека финалето се игра веќе следниот ден.

Вестерман официјално претставен во ЦСКА Москва

Францускиот кошаркар Лео Вестерман во следните две сезони ќе го носи дресот на рускиот тим ЦСКА Москва. Тој треба да биде замена за Арон Џексон, кој замина од клубот.

Вестерман, кој минатата сезона настапуваше за Жалгирис, стандарден член е на француската репрезентација

Тренерот на московскиот клуб Итудис ги реши сите проблеми со кошаркарите кои беа на истек на договорот, со исклучок на Милош Теодосиќ, кој и натаму има дилеми дали ќе ја продолжи кариерата во ЦСКА Москва илии во НБА лигата.

Само европскиот првак од Хрватска ќе добие директен пласман на следниот Мундијал

На состанокот на извршната комисија на ЕХФ во Загреб беше донесена одлука само шампионот од Европското првенство во Хрватска да добие директно место на ракометниот Мундијал кој во 2019 година ќе се одржи во Германија и Данска.

Причината за оваа одлука е различниот начин на континенталните собири и податокот што следниот Мундијал заедно ќе го организираат две земји. Што се однесува до останатите континенти, исто така само шампионите на Африка, Азија, Јужна Америка, Австралија и Океанија исто така ќе обезбедат директно учество на Светското првенство.

Сите останати репрезентации ќе играат квалификации, а во Европа тие квалификации се бараж двомеч, чија што ждрепка ќе биде извршена на 30 јануари 2018 година во Загреб.