Коневски: Притворот на Едмонд Темелко е политичка тортура и газење на човековите права

Притворот на Едмонд Темелко е политичка тортура и газење на човековите права. Единствениот Македонец кој е градоначалник надвор од границите на државава, веќе два месеци се наоѓа во притвор, вели Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Против него беше покренат конструиран случај, а подоцна и беше приведуван незаконски, насилно со брутално кршење на законите пред очите на неговото семејство. Едмонд Темелко, кој важи за најголем борец за човековите права на Македонците во Албанија, остана трн во око на Зоран Заев и криминалната банда околу него, кои не можеа да се помират со фактот дека Темелко не е притворен. Затоа судот, подлегна на политичките притисоци на Зоран Заев и СЈО и му изрече мерка притвор на Едмонд Темелко по што потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски ја пушти партиската полиција да го апси и ги повика медиумите пред полициска станица за да снимат како тој се одмаздува на Темелко. Од тогаш, од 26-ти септември до сега, Едмонд Темелко е во притвор и криминалната власт го држи во нечовечки услови, потенцира Коневски.

Тој додава дека Едмонд Темелко, освен што е градоначалник на Општина Пустец и борец за правата на Македонците во Албанија, е семеен човек и татко на две деца.

-Едмонд Темелко има сериозна болест од која што секој ден му е загрозен животот. Едмонд Темелко сам не може ниту да стане од кревет. Заради болеста, Едмонд Темелко не може сам да се пресоблекува, ниту да ги извршува физиолошките потреби. Едмонд Темелко има проблеми со дишењето, со хранењето, и со движењето. Едмонд Темелко има проблеми со вртоглавици, со внатрешните органи и секојдневно се бори со неподносливи болки во мускулите и зглобовите. Едмонд Темелко нема соодветна здравствена нега бидејќи таа не може да му биде пружена во истражниот затвор во Шуто Оризари. Едмонд Темелко, секој ден успева да го преживее благодарение на помошта што ја добива од друго притворено лице. Ова се условите во кои Заев ги држи оние кои ги смета за политички неистомисленици, политички противници, истакна Коневски.

Тој вели и дека ова е третманот што го добиваат оние кои не се согласуваат со политиките на режимот на Зоран Заев.

-Едмонд Темелко веќе два месеци, секојдневно се бори за сопствениот живот во нехумани услови затоа што Заев, СЈО и судовите под нивна контрола решиле да му се одмаздуваат. За овие два месеци, Зоран Заев и криминогената власт, ослободија десетици криминалци од затвор, додека единствениот градоначалник Македонец во Албанија се држи во притвор и се нарушува неговата здравствена состојба. Тоа се двојните стандарди на криминогениот режим. Едмонд Темелко мора да биде ослободен. Еден ден оваа власт ќе си замине, а сите оние кои од разни побуди му помагале во бруталното изживување ќе сносат одговорност, заврши Коневски.

НДМ: Заев и Борисов утре да излезат и со заедничка изјава за Мировниот договор и историската Бледска спогодба со Бугарија

Народно движење за Македонија ја поздравува серијата заеднички средби на македонската влада со владите на соседните земји кои стартуваат со утрешната средба на македонската и бугарската влада во Струмица.

Впрочем, владините заеднички средби се добра прилика за изворно решавање на заедничките проблеми меѓу соседните земји.

Во таа насока, НДМ го повикува премиерот Заев да побара утрешната средба да се дополни и со точката усвојување на заедничка изјава со Бојко Борисов за реафирмирање на определбите од Мировниот договор со Бугарија од 1947 и историската Бледска спогодба од 1947 меѓу владите на тогашна Федеративна Народна Република Југославија и Бугарија а во поглед на кои Република Македонија може да се смета за сукцесор според правилата на меѓународното право во областа на меѓународните договори.

На тој начин се отвора патот за искрено добрососедство во духот на основните начела на меѓународното право, на правниот поредок на Обединетите нации и начелата на КЕБС/ОБСЕ, а во услови на сегашното целосно негирање на Македонците во Бугарија.

Да потсетиме, со меѓународно-правно се уште важечките Мировен договор и Бледската спогодба од 1947, Бугарија е во обврска да не дозволи никаква дискриминација меѓу своите државјани и да ги осигура сите права на човекот и основните слободи со што во во тој период во Бугарија во училиштата се воведува настава на мајчин македонски јазик, книжарници со македонски книги, македонски народен театар и други можности за изразување на македонската национална припадност и култура и на крајот откажувањето на Југославија од репарациите кои беа одредени во износ од тогашни 25 милиони долари со Мировниот договор од 1947 година.

Просечната нето плата во септември 23.229 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата во септември изнесува 23.229 денари и е поголема за 4,7 проценти во споредба со септември минатата година.

Државниот завод за статистика денеска објави дека зголемувањето се должи пред сé на покачувањето на платата во секторите Уметност, забава и рекреација, Преработувачка индустрија и во Рударството и вадење на камен.

Во однос на август годинава, забележано е зголемување на платата во секторите Уметност, забава и рекреација, Други услужни дејности и Земјоделство, шумарство и рибарство.

Зголемување од 4,6 проценти во однос на септември лани има и кај просечната бруто-плата која во септември годинава изнесува 34.127 денари.

Во септември годинава, еден процент од вработените во Македонија не зеле плата.

Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на албанската азбука

 Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија. Со неговото одбележување, посочува Иванов, ние ги потврдуваме нашите заложби за градење на заедничка, подобра и посветла иднина.

– Денешниот ден, 22 Ноември, е поврзан со Битолскиот конгрес одржан далечната 1908 година на кој Албанци – интелектуалци од Балканот ја унифицирале албанската азбука. Создавањето на азбуката е еден од основните културни дострели и белег на националното идентификување на еден народ. Албанскиот јазик е составен дел од културното богатство во Република Македонија. Со неговото одбележување ние ги потврдуваме нашите заложби за градење на заедничка, подобра и посветла иднина, вели Иванов во честитката.

Меѓусебното почитување на разликите, додава претседателот, треба да биде поттик за меѓусебно зближување, а не за разединување во македонското мултиетничко општество.

– Како граѓани на нашата заедничка држава ние треба да се држиме заедно и да бидеме пример како заеднички се работи за доброто на Република Македонија, бидејќи само сплотени околу државните интереси ќе успееме да се справиме со предизвиците, вели македонскиот претседател.

Честитајќи им го Денот на азбуката на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија, тој порачува дека само со негување и со вреднување на нашите културни и јазични различности ќе успееме да изградиме просперитетна иднина, иднина за сите граѓани во Република Македонија.

Прва заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија

Република Македонија и Република Бугарија утре во Домот на АРМ во Струмица ќе ја одржат првата меѓу-владината седница.

Како што соопшти владината прес-служба, се очекува на седницата со која треба да заседаваат двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов да бидат потпишани договори и меморандуми и да одржат заедничка прес-конференција. Засега не се соопштуваат датали за составот на тимовите кои ќе ги предводат премиерите на двете земји.

Се очекува во фокусот на разговорите да биде напредокот на добрососедските односи меѓу Бугарија и Република Македонија, како и други теми од заеднички интерес со цел зајакнување на дијалогот и партнерството меѓу двете земји.

Според агендата, предвидено е положување цвеќе на споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски, а ќе биде предадена и донација на општина Струмица од страна на бугарската Влада.

За потребите на медиумите во Домот на АРМ во Струмица, ќе биде обезбедени работни простории.

Ова е прва меѓувладина седница што ја одржува Владата на премиерот Заев со Влада на држава од соседството.  Во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија.

За време на официјалната посета на Белград на премиерот Заев вчера договорена е и заедничка седница на македонската Влада со Владата на Република Србија. Како термин за седницата се наведува крајот на февруар почетокот на март, месец, идната година.

Одобрен меморандумот за поевтин роаминг со Бугарија

Владите на Македонија и на Бугарија го одобрија меморандумот за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и македонското Министерство за информатичко општество и администрација за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги,  соопштија прес-службите на владините кабинети на двете држави.

Меморандумот ќе биде потпишан утре во тек на заедничката седница на владите на Македонија и на Бугарија што треба да се одржи во Струмица. Со него министерствата се обврзуваат да ги поттикнат мобилните оператори да склучат меѓусебни спогодби кои ќе доведат до трајно намалување на цените на мало на роаминг услугите за крајните корисници. Моментно тие се едни од највисоките во Европа, меѓу 2,99 лева и 6,99 лева за минута разговор и 26 лева за мегабајт, се вели во соопштението на македонската Влада.

Од прес-службата на Владата на Бугарија, пак, наведуваат дека намалувањето на цените во роаминг на државите од Западен Балкан  и ЕУ е меѓу приоритетите на бугарската Влада и на бугарскиот еврокомесар Марија Габриел.

Тоа, се посочува,  е дел од мерките за подобрување на поврзаноста на сите нивоа во регинот, што ќе  има влијание на контактите меѓу граѓаните и фирмите. Паралелно со политичката поддршка за европската интеграција на Западен Балкан, Владата е решена да поддржи и низа други практични решенија кои ќе го помогнат развојот на регионот како заеднички пазар со 22 милиона лица.

Македонија е првата држава од Западен Балкан на која Бугарија ѝ предложи билатерално укинување на роамингот.

Шекеринска – Грабар-Китаровиќ: Македонија има сили и поддршка за целосна интеграција во ЕУ и НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во рамки на официјалната посета на Хрватска се сретна со хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ.

Од Министерството за одбрана соопштија дека на средбата биле потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и поддршката од страна на Хрватска за интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.

– Имате сили, имате многу пријатели, имате искрена и безрезервна поддршка од Хрватска на вашиот евроатлантски пат, изјавила Грабар – Китаровиќ на средбата.

Министерката Шекеринска ги истакнала приоритетите на Владата и актуелните политички, општествени и одбранбени реформи во Република Македонија.

– Ние не го бараме членството како подарок. Посветено работиме да го заслужиме нашето членство во НАТО и ЕУ. Максимално сме фокусирани на унапредување на состојбите преку решавање на отворените прашања, а не одбегнување на истите, посочила Шекеринска на средбата.

И двете соговорнички се согласиле за потребата од интензивирање на соработката во регионот и негова натамошна евроатлантска интеграција. Претседателката Грабар – Китаровиќ упатила поддршка за реформски ориентираната Влада на Република Македонија и нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во евроатлантските интегративни процеси.

Џафери: Негувањето на јазичните и културните богатства се влог во подобра иднина

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

– Азбуката, јазикот и писменоста се многу повеќе од само средство за комуникација, тоа е вредност сама по себе, заштитник на традицијата и националниот идентитет. Во ноември 1908 година, на Битолскиот конгрес, се кодифицираше албанската азбука и тоа имаше значајно влијание врз издигнувањето на националната свест и единство помеѓу албанците, вели Џафери во честитката.

Република Македонија, додава Џафери, е земја во која се негуваат и почитуваат различностите и со негување на јазичните и културните богатства на сите граѓани, ние придонесуваме кон зачувување на заедничките трајни вредности и тоа е влог за подобра иднина на нашите млади поколенија.

Гостивар: Експерти од Албанија одржаа обука за аутизам за родители и наставници

Родители на деца кои страдаат од аутизам, вработени во градинките и училиштата од Гостивар се запознаа со искуствата на експерти од Албанија кои последниве пет години активно работат во оваа област.

На вчерашната обука што ја организираше здружението на лица со посебни потреби „Порака” од Дебар, тим од логопеди, физиотерапевти, дефектолози и психолози од центар за аутизам од Елбасан, Албанија ги споделија нивните искуства и знаења за ова невролошко нарушување.

На еднодневната обука, експертите споделија повеќе сознанија и практични совети како родителите и наставниците да се справат со потребите на оваа категорија на деца.

– Сметаме дека е важно да им се излезе во пресрет на родителите и наставниците во поглед на препознавање на аутизмот, методите на работа со децата и слично, рече Беким Аме од Здружението „Порака“.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари се обрати на почетокот од обуката и нагласи дека оваа обука и слични активности во оваа област се од голема корист за родителите и наставниците.

– Аутизмот како појава на овие простори е присутен и за него многу малку знае на овие простори. Проблемот со аутизмот станува се повидлив и ваквите настани овозможуваат да се воведат нови практики кои ќе им помогнат на аутистичните деца. Како локална самоуправа ќе ги поддржиме ваквите иницијативи и ќе обезбедиме неопходна логистика, рече Таравари.

По формалниот дел, учесниците имаа можност да се консултираат со предавачите и да добијат директни одговори на нивните прашања.

Ден на албанската азбука

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика денеска во Владата ќе организира свечен прием по повод Денот на албанската азбука 22 Ноември со кој се одбележуваат 109 години од Битолскиот конгрес на кој таа била стандардизирана.

Како што соопшти Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, на настанот ќе учествуваат доајени на албанското образование и просветни работници.

Владина делегација предводена од вицепремиерот Лика попладне ќе го посетат Музејот на албанската азбука во Битола каде што ќе биде отворена изложба на портрети на делегати кои пред повеќе од еден век учествувале на Битолскиот конгрес. Одбележувањето ќе биде заокружено со концерт во Центарот за култура во Битола.

Активностите за Денот на албанската азбука, кој е неработен ден за Албанците во Македонија, почнаа вчера со научна трибина во Битола, на која учествува истражувачи на албанологијата од државни институции во Македонија, Косовo и Албанија.

На 14 ноември 1908 година во Битола бил свикан Битолскиот конгрес со цел да се создаде унифицирана азбука која ќе биде и почеток на албанската литература. На конгресот присуствувале 150 делегати, кои дошле од Албанија, како и од албанските заедници во Романија, Италија, Грција, Турција, Египет, Америка итн. Претседател на Конгресот бил албанскиот дипломат, писател и политичар Митхат Фрашери.