Лавров: Американското бомбардирање на конвојот на сирискиот режим е нелегитимен

Русија го анализира бомбардирањето на конвојот на сирискиот режим во близина на јорданската граница од страна на коалицијата преводена од САД, изјави рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, пренесоа француските медиуми.

-Што и да ја мотивирало одлуката на американската команда да изврши такво бомбардирање, тоа е нелегитимно и е ново тешко прекршување на сирискиот суверенитет, изјави Лавров во Никозија, цитиран од руските медиуми.

Има опасност ова бомбардирање негативно да влијае врз „напорите на оние кои навистина се борат на копно и од воздух против терористите на Исламска држава и поранешниот „Фронт Ан Нусра“, изјави тој.

-Тоа што се случи фактички им помага на терористите, подвлече Лавров и додаде дека колку што знае, Русија не била претходно информирана за нападите на коалицијата предводена од Вашингтон.

Со бомбардирањето се удри врз конвој на сили кои го поддржуваат режимот во Дамаск, изјави портпаролот на антиџихадистичката коалиција, американскиот полковник Рајан Дилан.