Антиџихадисти го нападнаа Министерството за правда во Берлин

Припадници на крајно десничарската организација „Движење за идентитет“ денеска околу пладне ја нападнаа зградата на германското Министерство за правда и се обидоа да влезат во неа во знак на протест против германските закони за говор на омраза.

Како што јавува дописникот на МИА од Берлин, самодекларираните антиџихадисти од групата која е под мониторинг на германските служби за безбедност, се судрија со припадниците на специјалните полициски единици, кои го спречија влезот во зградата на министерството.

Според очевидци, групата меѓу кои имало и лица со униформи според урнекот на источногерманската „народна милиција“, со помош на камион на кој биле поставени скали, се обидоа да се качат на покривот од зградата на министерстово. Дел од напаѓачите фрлаа пиротехнички материјали врз зградата, но не успеаја да предизвикаат пожар, изјави полициски претставник за весникот „Ди Велт“.

Предходно движењето најави дека од министерот за правда Хајко Масќе побара повлекување на законот поради денешното усвојување на „законот против мислата“, со кој ќе се казнува говорот на омраза на интернет и поради ослабување на европските граници.

“Движењето за идентитет“ кое има околу 300 регистрирани членови е под мониторинг на германските служби поради своите неонацистички и антиисламски активности.