Младите фудбалери нема да играат на квалификацискиот дуел со Шпанија

Младите фудбалски репрезентативци на Македонија нема да играат за нашата сениорска репрезентација против Шпанија на 11. јуни, во квалификацискиот меч за настап на СП во Русија 2018 година.

Во договор на двајцата селектори, Игор Ангеловски и Благоја Милевски, младинците ќе добијат поштеда на 11. јуни, а веќе следниот ден ќе патуваат за Полска на ЕП за играчи до 21 година. На 12. Јуни тие ќе заминат за Сопот, каде ќе биде базата на нашата млада репрезентација.

Првиот меч на ЕП во Полска ќе го играме против четирикратниот европски првак Шпанија кој со силен тим ќе патува на овој шампионат. Во тимот на црвената фурија ќе бидат Марко Асенсио од Реал Мадрид, Саул Нигуез од Атлетико Мадрид, Хектор Белерин од Арсенал, Жерар Делофеу од Милан, Денис Суарез од Барселона и Ињаки Вилијамс од Атлетик Билбао.

Натпреварот со кој нашите надежи ќе го започнат европскиот шампионат ќе се одигра на 17 јуни во Гдиња, со почеток во 20:45ч.