Борко Ристовски “Јас имам една татковина и една репрезентација”

Борко Ристовски се враќа на голот на македонската ракометна репрезентација за претстојните квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2018 во Хрватска.

Голманот на Барселона е на списокот на репрезентативци на кои смета новиот селектор на македонската репрезентација, Раул Гонзалес, што ќе биде негово враќање во националниот состав од кој беше „избришан“ од Лино Червар пред СП во Франција во јануари годинава.

Голманот на Барселона одлучи повторно да застане на голот на нашиот национален тим и реши да и помогне на репрезентацијата во завршните квалификации за ЕП 2018 во Хрватска.

„За моето враќање во репрезентацијата, во принцип пресудни беа неколку работи.Прво, верувам дека Раул Гонзалес е амбициозен тренер за да би бил лажно задоволен со освоено 15.место и верувам дека го сака најдоброто во репрезентацијата, наместо смислување „игри“ за лични успеси и ситни профити. Но, пред се, одлучи мојата желба да играм за својата држава и за својата репрезентација за која имам дадено многу и ќе давам и во иднина. Кога играте за својата репрезентација зборот „давање“ е секогаш приоритет, барем за мене. Јас имам една татковина и една репрезентација“ изјави Борко Ристовски за спортскиот портал ЕКИПА.мк.

Дополнителен мотив да се врати и да и помогне на македонската репрезентација во борбата да се зачува континуитетот и да се обезбеди пласман на ЕП 2018 во Хрватска на претстојните квалификациски натпревари, за македонскиот голман бил и коректниот однос и поддршката од раководството на РФМ.

„Морам да кажам дека имав многу коректен разговор и со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, отворивме теми за кои што вообичаено не се разговарало досега и драго ми е поради тоа. Се надевам дека во иднина ќе функционираме како репрезентација, како федерација и како народ кој што најпрво го цени сопственото, па потоа дава почит и кон странското. Повеќе не би сакал да разговарам на оваа тема. Се надевам дека во иднина се ќе се одвива во најдобар ред и дека сите заедно ќе се бориме за македонската репрезентација и за иднината на македонскиот ракомет“ заврши во својата изјава македонскиот ракометен рперезентативец.