ФМ Врева

Земете здив:Марков манастир-Скопје

Најважен сочуван документ во Марковиот манастир претставува натписот во црквата, над јужниот влез, кој дава податоци за обновата на манастирската црква и за нејзините ктитори. Натписот ја има следната содржина: ‘ Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик Христов, победоносец и чудотворец Димитриј, со усрдието и грижата на благоверниот крал Волкашин со благоверната , кралица Елена и премногу љубените нивни ќерки и синови, благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар, во годината 1377.

Капијата на манастирот е искована од масивно дрво. Веднаш од десната страна започнуваат манастирските конаци и други помошни простории. Покрај конаците се наоѓа уште и фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како секавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Името на манастирот е добиено по популарниот јунак Крале Марко .Црквата Св. Димитрија е изградена во 1345 год.Во почетокот на XIX век во манастирот како негов игумен престојувал и работел македонскиот преродбеник и книжевник Кирил Пејчиновиќ.

Основата на црквата е во форма на впишан крст во правоаголно протранство, со купола што се издига над централниот дел, носена од четири камени столбови. Нартексот е одделен со троделен отвор од наосот, а во неговиот горен дел се наоѓа слепа калота, јасно назначена и видлива на покривот. Црквата е ѕидана од делкан камен и тули кои се изведени во интересни шари, особено на олтарната апсида, во десетте декоративно изведени ниши.

Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриени со фрескоживопис.

Првобитниот иконостас на црквата наполно е зачуван. Тој се состои од камени столбови со капители кои се орнаментирани, со што потсетува на камените иконостаси на Св.Пантелејмон во Нерези, или  црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Дел од старите икони се зачувани, меѓутоа, тие биле пресликани во периодот на XIX век.

Манстирот е активен и во денешно време, а во него суштествува женско монашко сестринство. Во самиот манастир се наоѓа црквата Св. Димитрија и импозантната камбанерија.