Москва подготвена да ја финансира кампањата на Николиќ

За својата кандидатура на претседатлските избори во Србија, актуелниот српски претседател Томислав Николиќ ја има поддршката на Москва, тврди белградскиот весник „Блиц“.

Електронското издание на весникот, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека наводно Москва е подготвена да ја финансира предизборната кампања на Николиќ со 20 милиони евра.

Според весникот, токму ваквата поддршка била причина за желбата на Николиќ да се бори за втор претседателски мандат.

„Блиц“ тврди дека „главен човек на Николиќ за врски со Русија“ е поранешниот српски министер за надворешни работи Иван Мркиќ, кој е пријател со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров,

Николиќ засега официјално не потврди дека ќе се кандидира за втор мандат, но Б92 во средата, повикувајќи се на извори во неговиот кабинет, јави дека актуелниот претседател сепак решил да учествува на претседателските избори, иако за својата кандидатура не доби поддршка од неговата матична партија – Српската напредна партија (СНС). Партијата реши за свој кандидат да го предложи партискиот лидер и актуелен српски премиер Александар Вучиќ.

Најавата за кандидатура на Николиќ, само еден ден откако СНС реши да го номинира Вучиќ, предизвика потреси во партијата и стравувања од можен раскол.