Мицов: Претседателот не смее да даде мандат на антидржавни елементи

Ќе излезе ли некој од глувчешката дупка?- прашуваат од Македонскиот манифест преку отвореното писмо до јавноста. Носењето одлуки без даден легитимитет од народот од страна на политичките лидери, комплетното уништување на безбедносните структури на државата, вмешаноста, диктатите и уцените на странските мешетари, создавањето на противуставниот Пржински договор и специјалното јавно обвинителство, но и огромната поделеност меѓу граѓаните, отворија можност за лесно и агресивно дејствување на оние чија цел е погребување на Република Македонија и нејзиниот вековен идентитет. А овие удари доаѓаат од секаде, соопштува граѓанската организација македонски манифест.

– Претседателот не смее да се залаже и да даде мандат за составување на влада на антидржавни елементи, изјави во гостувањето во вестите на ТВ Нова Стефан Влахов Мицов од Македонскиот манифест.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ во свое време планираше да ја продаде Градската болница и да ја претвори во хотел

СДСМ во свое време планираше да ја продаде Градската болница и да ја претвори во хотел, во време кога нивните министри наместо да купуваат медицинска опрема продаваа стентови на црно и со прст не мрдаа за подобрување на јавното здравство, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

За СДСМ Градската болница не беше место каде што граѓаните треба да добиваат поквалитетни здравствени услуги, туку само можност за лично богатење на функционерите на оваа партија.

Лицемерите од Бихаќка денес во нивниот познат стил на лажни душегрижници се обидуваат да проблематизираат темелна реконструкција која е во тек во овој објект.

Не само што со прст не мрднаа и ниту една шајка не заковаа во Градска болница, туку и им пречи кога некој друг работи и ги подобрува условите во објектите од јавното здравство.

Типично за СДСМ. За ништо не ги бива, освен за критика на нешто што некој друг направил преку безочни лаги и ефтини пропагандни трикови.

Во старата Градска болница во тек е темелна реконструкција. Вкупната инвестиција на Клиниката „Св. Наум Охридски“ изнесува 125 милиони денари за градежните работи. Со реконструкцијата ќе се опфатат сите болнички соби, оперативниот блок, интензивната нега, Центарот за изгореници, стерилизацијата и др. Реконструкцијата опфаќа и изведба на тоалети во секоја болничка соба, како и комплетна замена на прозорците.

Ова ќе биде прва темелна реконструкција на оваа јавна здравствена установа во 80 години од нејзиното постоење.

Конгресменот Франкс најави две нови истраги за Бејли: Ќе се активира Генералниот инспектор и Генералната канцеларија за сметководство на САД

Републиканскиот конгресмен од Аризона, Трент Франкс најави две нови истраги за за американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли. Франкс најави дека ќе се активира Генералниот инспектор на САД и Генералната канцеларија за сметководство на САД.

Во своетоинтервју за МТВ, покрај истрагата и прашањата од Конгресмените, Франкс најави уште 2 нови истраги за Бејли и Амбасадата на САД во Скопје, односно втора и трета истрага за Бејли.

-Тоа е следниот чекор, веќе имавме прелиминарни дискусии барајќи од американскиот генерален инспектор да истражи, како и од канцеларијата на сметководствотои да ни кажат што се случува со парите кои се испраќаат и јасни се индикациите дека парите кои се испраќаат со цел да се помогне за промоција на човековите права и Македонија одат до организации поврзани со Џорџ Сорос што е спротивно со промоцијата на човекови права и сакаме да го промениме тоа најбрзо што можеме, рече Франкс.

Франкс изрази загриженост за парите од УСАИД што одат до организации кои се поврзани со Џорџ Сорос, не само во Македонија туку и низ целиот свет, –

-Сорос беше посветен непријател на американските идеали за човекова слобода веќе долго време, и за нас како Американци да ги поддржуваме организациите кои ја поткопуваат американската политика и американски идеали за човекови права е ужасна рестрикција во нашите напори, не го кажав тоа како што треба, значи, за американските долари да одат до организации поврзани со ЏорџСорос значи дека се поткопуваат идеалите како Американци, рече Франкс.

Шокантни сознанија објавени во емисијата „Во Центар“: Целта на прислушувањето е промена на името (ВИДЕО)

Агентот Силвер има добиено на задача од структурите на МИ6 да ја прислушкува работата и структурата на СДСМ бидејќи таму треба да биде реализирана операција на менување на раководството. Тоа значело дека треба на чело на структурата да биде донесен човек кој ќе биде задолжен да го смени името на Република Македонија, вели во синоќешната емисија „Во Центар“ новинарот Васко Ефтов.

-Бројка од 90 отсто од тие прислушкувани разговори кои се сместени на тие 180 хард дискови всушност се прислушкувани разговори кои се однесуваат на состојбите внатре во СДСМ. Само 10 отсто од прислушкуваните разговори отпаѓаат на прислушкувани разговори кои се однесуваат на членови на Владата на Никола Груевски и луѓе од неговото најтесно опкружување, вели Ефтов.

Ефтов додава дека ова се должи на тоа што Агентот Силвер има добиено на задача од структурите на МИ6 да ја прислушкува работата и структурата на СДСМ бидејќи таму треба да биде реализирана операција на менување на раководството.

– Тоа значело дека треба на чело на структурата да биде донесен човек кој ќе биде задолжен да го смени името на Република Македонија. Притоа не треба да заборавиме дека во ингеренции на британската дипломатија се сите отворени спорови на светската политичка сцена-Кипарското прашање, Макеоднското прашање, прашањето на Фолкландите, прашањето на Гибралтар , значи сите отворени политички дипломатски прашања, всушност се во ингеренции на решавање на британската дипломатија . Од тие причини структурите на МИ6 преку својот агент господинот Силвер или агентот Силвер влегуваат во операција на прислушкување во Република Македонија, влегуваат во операција на промена во врвот на СДСМ и влегуваат во операција на приспособување на СДСМ за борба до финално истребување со партијата ВМРО ДПМНЕ кое треба да резултира со политички промени, а подоцна со промени на Уставот и промена на името на државата, вели Ефтов.

Тодоров: Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ со намален обем на работа поради реконструкција

Универзитетската Клиника по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ (Стара Градска болница) работи со намален капацитет и многу брзо и ќе се затвори комплетно поради нејзина темелна реконструкција. По нејзиното затворање пациентите ќе бидат пренасочени во Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“. Тоа ќе трае определен временски период не повеќе од два месеца додека болницата се реконструира.

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Институтот за белодробни заболувања. Нормално е, посочи, кога се преземаат вакви крупни зафати или реконструкции да има намален обем на работа, затоа што не може да се меша сериозна темелна реконструкција и работа со пациенти.

– Пациентите треба да се префрлат во другите установи. Нормално е болницата се повеќе и повеќе да го намалува бројот на пациенти. Лифтот не работи затоа што има предвидено нов лифт кој треба да се гради и да се замени постојниот. Не само лифтот што нема да работи, туку и болницата ќе биде затворена многу скоро. Ќе видиме дали ќе останат некои делови од болницата во функција. Тоа зависи од типот на апаратите, рече Тодоров.

Нагласи дека ќе се обидат барем опремата за компјутерска томографија и за магнетна резонанца да останат во функција, но и тоа, појасни, не може да се гарантира за целиот период на реконструкцијата, затоа што станува збор за прва темелна реконструкција на болницата откако е изградена во 30-тите години на минатиот век.

Додаде дека во овој период на темелна реконструкција пациентите и здравствените работници треба да имаат трпение.

ВМРО-ДПМНЕ: Владата и менаџментот на МЖ ќе изнајдат решение за барањата на железничарите

СДСМ имаше доволно време да покаже грижа за вработените во железницата и целокупно железничката инфраструктура и сообраќај, но наместо тоа СДСМ отпушти голем дел од вработените, ги остави на милост и немилост, ја опустоши цела железница, а компанијата ја остави на цедило, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Благој Бочварски.

– Оваа Влада предводена од ВМРО–ДПМНЕ нема да дозволи СДСМ да си поигрува со вработените во железницата. Заеднички со менаџментот на двете компании во најбрз можен рок ќе се изнајде решение за надминување на состојбата, стои во соопштението.

Воедно, се посочува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ влегла во најголемиот инвестициски циклус во железницата до сега, набавувајќи нови возови, нови локомотиви, нови вагони, градејќи нови пруги.

– Само во последните три години Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од буџетот на Република Македонија издвои над една милијарда денари директна помош за работењето на железницата. Лицемерните прес-конференции на СДСМ се уште еден доказ за манипулациите што ги прават врз вработените поттикнувајки ги на нетрпеливост и блокада на железничкиот сообраќај, се посочува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ: Нападите врз новинари се срамни и недолични

Јавните закани на екс-пратеникот на СДСМ Есад Рахиќ упатени до сите новинари кои ја информираат јавноста за криминалите на луѓе поврзани директно со врвот на неговата партија се срамни и недолични, изјави на денешната прес-конференција Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува заканите и ги охрабрува институциите да не подлегнуваат на обиди на СДСМ за забошотување на криминалот на неговите експоненти. Воедно, ги охрабруваме медиумите да не бидат жртви на стравот кој сака да го сее Зоран Заев и ги повикуваме до крај да ја истражат вистината, изјави Јовановски.

Јавноста, продолжи тој, ја интересира дали Зоран Заев знаел за црниот бизнис со дрога на неговиот пријател и дали му помагал во трговијата со наркотици и дали од сето тоа земал пари за себе или за партијата?

– Очекуваме затоа истрагата да даде одговор на уште многу други прашања. Сите кои работеле спротивно на законот мора да одговараат, изјави Јовановски.

Посочи дека граѓаните на Република Македонија на 11. декември јасно и гласно кажаа дека не сакаат да бидат водени од криминалци и затоа речиси половина милион Македонци го осудија на пораз СДСМ и неговите криминални и деструктивни сценарија.

Андоновска: Во здравствената инфраструктура во тек е инвестициски циклус во вредност од 74,6 милиони евра

Како никогаш до сега, во здравствената инфраструктура во тек е инвестициски циклус во вредност од 74,6 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Андоновска.

Во тек се финалните градежни работи за надворешно и внатрешно реновирање на Општата болница во Велес, кое опфати реновирање на фасадата, реновирање на неколку одделенија: интерно, очно, орално, гинекологија и акушерство. Инвестицијата е во вредност од 21 милиони денари.

Исто така Во тек е изградбата на новата Клиничка болница во Штип. Станува збор за инвестиција вредна околу 56 милиони евра вклучувајќи ја и најсовремената медицинска опрема која ќе се набави за болницата. Со оваа инвестиција Штип ќе добие болница според врвни светски стандарди, најсовремена болница во поширокиот регион. Бенефит ќе имаат над 200.000 жители од источниот регион на Македонија кои гравитираат кон болницата. Целокупната градба очекуваме да заврши во вториот квартал на 2018-та година.

После 80 години отпочната е темелна реконструкција на УК за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, што е инвестиција од 125 милиони денари. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени сите болнички соби, оперативниот блок, интензивната нега, Центарот за изгореници, стерилизацијата и др. Реконструкцијата опфаќа и изведба на тоалети во секоја болничка соба, како и комплетна замена на прозорците. Во ГОБ „8 Септември“ во тек е изградба на бункер за нов акцелератор. Инвестицијата од 50 милиони денари која треба да финализира во вториот квартал на годината.

Се работи и на реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо, инвестиција вредна 215 милиони денари и со неа е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Завршена е комплетната надворешна реконструкција на болницата во Битола, со нова фасада, нов кров  и комплетно нови прозорци на болницата.

Дополнително во тек е целосна реконструкција и адаптација на болничкиот објект во Кичево, градежни работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект во Општа болница Струмица, како и комплетна внатрешна реконструкција на прилепската болница што е прва комплетна реконструкција откако е изградена болницата во 1980 година, а бенефит ќе имаат над 120.000 жители од регионот.

Во здравствената инфраструктура се инвестира како никогаш до сега. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го ветува пред граѓаните гледаме дека тоа и се реализира. Здравствената инфраструктура ќе беше многу подобра, ако во времето на СДСМ наместо за ѓердани, бизниси со стентови и скапи лекови се инвестираше во медицинска опрема, реконструкции и изградба на нови објекти на здравствени установи. СДСМ имаше шанса неколку мандати да ја промени сликата во здравството, но сепак тие не мрднаа ниту со прст.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во иднина да работи на подобрување на здравството, затоа што тоа е и ќе остане еден од најзначајните приоритети во нашата работа. Грижата за граѓаните секогаш била и ќе биде и во иднина највисок приоритет за ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО и Советот на јавни обвинители одржаа работна средба за случајот „Пуч“

Советот на јавните обвинители на Република Македонија и Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите- Скопје денеска одржаа работна средба во врска со случајот „Пуч“.

Како што се наведува во соопштението од Советот на јавните обвинители, на средбата се дискутирало по писменото барање на Советот за предавање на увид на списите по предметот, познат во јавноста како „Пуч”.

Истражителите од СЈО и членовите на Советот одлучиле ваквите средби да продолжат по потреба и во иднина.

По завршувањето на средбата специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека станува збор за работна средба на која, меѓудругото, станало збор и за проблемите со кои се соочува ова обвинителство.

Јанева минатата недела имаше средба со претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски во врска со преземањето на списите и документацијата од предметот „Пуч“ од страна на Советот.

На Институтот за белодробни заболувања нова опрема и метода за бронхоскопија

На Институтот за белодробни заболувања со набавката на нова опрема се воведува нова метода за интервентна бронхоскопија со еден тип крио терапија со што се овозможува третман на пациенти со малигни заболувања, нешто што досега воопшто го немаше во Република Македонија.

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров по посетата на Институтот. Тој рече дека со воведувањето на методата и набавката на оваа апаратура ќе им се помогне на лицата кои имаат малигно заболување на дишните патишта во понапредна фаза, ќе им се овозможи продолжување и подобрување на квалитетот на животот, нешто што досега се третирало палијативно, а болните потешко ги поднесувале последиците од болеста.

Посочи дека докторка и сестри од Институтот биле на едукација во Словенија и има тим подготвен да почне да ја изведува оваа метода.

– Она што е значајно е дека оваа метода досега не се работела и овие пациенти понекогаш биле во многу тешка состојба, имајќи предвид дека им се блокираат дишните патишта како резултат на малигните заболувања, по што настанува гушење и сериозни тегоби, рече Тодоров.

Потенцира дека со примената на новата метода се добива проодност на дишните патишта на начин што се делува на туморот и интервентно. Според него, ова е спој на она што го работат, набавка на нова опрема и едукација на лекарите во странство со цел воведување нови методи.

– Со набавката на оваа опрема од околу 1,5 милиони денари, со инвестицијата во кадарот кој беше на едукација во странство и усвојување на таа нова метода од негова страна се овозможува нешто ново да се воведе во Македонија. Досега не е направена ваква интервенција. Апаратот е веќе ставен во функција и на првиот пациент кој ќе има ваква потреба ќе му биде извршена интервенција, истакна Тодоров.

Директорката на Институтот за белодробни заболувања, Билјана Илиевска Попоска рече дека интервентната бронхоскопија е нова гранка во пулмологијата и се применува во голем број земји во светот.

Посочи дека интервентната бронхоскопија почнуваат да ја воведуваат и во Македонија со набавката на апаратот за крио терапија кој има можност во дијагностика и лекување болни со различни респираторни заболувања.

– Предизвикот е тераписки бидејќи пациентите, пред се со малигни заболувања, досега беа оставени на палијативна терапија. Сега се отвора можност преку интервентна постапка да се отстранат туморските маси. Методата е скапа и бара тимска работа. Се потрудивме да имаме таков тим што ќе овозможи примена на оваа методологија, рече Илиевска Попоска.

Нагласи дека бронхијалниот карцином е на прво место во морбидитетот и морталитетот, значи по зачестеност и број на смртни случаи меѓу машкиот и женскиот пол.

– Се смета дека околу 20 до 40 отсто од пациентите со бронхијалниот карцином развиваат опструкција на големите дишни патишта. Токму оваа опструкција кај околу 40 отсто од нив е причина за смртниот исход на болеста. Очигледно е дека доколку би се помогнало кај овие пациенти би придонеле за нивно подобро преживување и квалитет на животот, рече Илиевска Попоска.

Додаде дека оваа метода ќе најде тераписки можности и кај пациенти со друга етиологија, како што се бенигни заболувања.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека би можеле да имаат добра соработка со Клиниката за онкологија каде се регрутираат пациентите кои бараат тераписки пристап на својата болест и очекуваат дека би можело да имаат два до три пациенти во текот на еден месец со ваква индикација за примена на оваа терапија.