Јованов: Оној кој ќе гласа против Брнабиќ заминува во опозиција

Оној кој ќе гласа против кандидатурата на Ана Брнабиќ за премиер на Србија, било да е пратеник од владејачката Српска напредна партија (СНС) или од нејзините коалициски партнери, ќе замине во опозиција, изјави заменик-претседателот на СНС, Миленко Јованов за белградскиот весник „Блиц“.

– Секој од СНС, кој ќе гласа против, нема ниту „с“ од совест, нагласи Јованов, според кого, таквото однесување означува лицемерие и непочитување кон српскиот претседател Александар Вучиќ, како и кон СНС.

– Поради тоа сметам дека на секој кој така размислува треба да му се овозможи на нередните избори да излезе сам, па да покаже колку вреди, додаде Јованов.

За изјавата на лидерот на партијата Единствена Србија, Драган Марковиќ Палма, дека нема да гласа за Брнабиќ, Јованов прокоментира дека тоа е негова одлука, како и одлука на неговата партија.

– Гласањето за избор на Владата, заедно со гласањето за буџетот, е задолжителен услов за некоја партија да биде дел од владејачката коалиција. Во таа смисла мислам дека господинот Марковиќ и неговата партија со нивното гласање ќе ја одредат нивната позиција, односно дали се дел од владејачкото мнозинство или се дел од опозицијата, рече Јованов.

Одлуката на Вучиќ да и го додели мандатот за состав на нова Влада на Брнабиќ, која е јавно деклариран хомосексуалец, предизвика гневни реакции, како во опозицијата, така и во неговата партија и владина коалиција.

Лидерот на националиситчкото опозициско движење Двери, Бошко Обрадовиќ изјави дека Брнабиќ, која завршила образование во САД, е „странски агент“ и е „избор на Западот“.

Дебатите во српскиот Парламент за кандидатурата на Брнабиќ започнуваат оваа недела.

Заседанието на Собранието, на кое требаше да се гласа за кандидатурата, првично беше закажано за в четврток, но потоа беше одложено и се уште не се знае кога ќе се одржи.