„Хјуман рајтс воч“: Шпанската полиција употреби прекумерна сила во Каталонија

Меѓународната агенција за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) денеска објави извештај според кој шпанската полиција употребила прекумерна сила при обидот да го спречи референдумот за независност во регионот Каталонија н 1 октомври.

Истражувачи на ХРВ разговарале со жртви на полициската бруталност и прегледале видео-снимки од полициските интервенции во градот Жирона и две места во околината на Барселона и Жирона, каде полицијата жестоко реагирала со цел да го спречи референдумот.

– Во трите случаи нашата темелна истрага утврди дека националната полиција и гардата употребиле прекумерна сила. Полицијата можеби имала законско право да спроведе судска одлука, но тоа не и дава право да употреби насилство против мирни демонстранти, изјави Картик Раџ од Хјуман Рајтс Воч.

Полицијата употреби гумени куршуми за да го спречи одржувањето на референдумот, а гласачи им раскажале на истражувачите на ХРВ како полицајци ги тепале со палки, ги клоцале и принудно ги отстранувале од гласачките места.

Шпанските судови го прогласија референдумот за нелегитимен, но каталонските власти сепак решија да го одржат. И покрај масовната полициска интервенција, со над 900 повредени лица, повеќе од 40 проценти од граѓаните гласаа, а од нив над 90 проценти беа за независност. Каталонскиот претседател Карлос Пуџдемон во вторникот изјави дека Каталонија прогласува независност, но веднаш додаде дека таа одлука има одложено дејство и дека регионалните власти се подготвени за преговори со Мадрид.