Турскиот миротворец и музички виртуоз за почеток на Скопско лето

Со концерт на прочуениот турски музичар и композитор Омар Фарук Текбилек и неговиот интернационален состав в среда, во 22 часот, во Македонската опера и балет ќе биде отворено 38-то издание на фестивалот „Скопско лето“. На настапот на Текбилек ќе му претходи и концертот насловен „Летни ноти“ во изведба на Градскиот дувачки оркестар под диригентската палка на Хусеин Еминовиќ на улица „Македонија“. Публиката ќе може да ја види и инсталацијата „Мисли слободно“ на Едина Селешковиќ од Босна и Херцеговина, која исто така ќе биде поставена на улицата Македонија.

Турскиот и светски инструменталист Омар Фарук Текбилек е вистински амбасадор на мултикултурализмот, кој инспирациите ги црпи од традиционалната суфи-уметност и арапската традиционална музика и во кои вклучува и амбиентални електронски елементи. Роден е 1951 година во Адана, Омар Фарук Текбилек како дете започнал да го изучува суфизмот и имал намера животот да му го посвети на овој дел од исламот. Но на 15-годишна возраст, решава да стане професионален музичар и го напушта училиштето.

Со својот брат заминуваат за Истанбул каде што тој се спријателува со мистичниот виртуоз на саксофон Исмет Сирал, кој го подучувал на изведбите да им приоѓа следејќи ја сопствената интуиција. Во 1971 година бил дел од ансамблот на едно турско културно-уметничко друштво, кое било на турнеја по Америка и тогаш ја започнал својата идна сопруга. По враќањето во татковината најнапред го отслужил воениот рок, за да по извесно време, копнеејќи по љубената, повторно да замине од онаа страна на Атлантикот. Првиот бенд со кој настапувал е „Султани“ и музички се обидувал да ги доближи комерцијалниот поп и звукот на Медитеранот.

Во 2003 година Текбилек во родната Турција го добива признанието „најдобар музичар“, дека истата година бил номиниран и за престижната награда на Би-би-си за Блискиот Исток, а станал и почесен доктор на науки на универзитетот „Булент Еџевит“. Од неговите соработки со врвните инструменталисти посебно бележити се оние со артисти како џез-трубачот Дон Чери, некогашниот тапанар на легендарните КРИМ – Џинџер Бејкер, пејачката Офра Хаза, Хосам Ремзи, Глен Велез, Бил Ласвел, Трилок Гурту, Били Кобам и Ману Каче и мнозина други. Неговата музика, иако слегува до извориштето на традицијата, сепак е бележана како современа и модерна, та дури и како „космичка звуковност“, а самиот знае да каже дека целокупното свое творештво го темели на четири значајни постулати – мистицизмот, фолклорот, романтиката и имагинацијата.

И оваа година, програмите на фестивалот „Скопско лето“ ќе се реализираат на 18 локации и простори во Скопје – театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, „Сули-ан“, централното градско подрачје и други, кои во квечерините на летото се претвораат во летни сцени, добивајќи нов лик и функција под закрила на една од деветте музи.

Во рамките на 40-те вечери, колку што ќе трае фестивалот, публиката ќе има можност да проследи околу 900 уметници во 52 програмски термини, од кои 21 се музички настани, десет се ликовни изложби, 11 филмски проекции, седум театарски претстави, промоции на книги и други содржини презентирани од домашни и изведувачи од 16 држави во светот. Публиката ќе има можност да ги проследи концертите на џез-групата „Кодаљ трио“ од Унгарија, на триото „Интерарт“, на гудачки квартет од Виетнам и др…
Во рамките на програмата е и традиционалното „Кафе кино“, кое се отвора со музичкиот документарец „Битлси: Осум дена во неделата“. Филмските проекции ќе се одвиваат на отворено на Факултетот за ликовна уметност – „Сули-ан“.