Стартува Евролигата – Фенербахче без Антиќ во одбрана на тронот

Со натпреварите Анадолу Ефес – Реал Мадрид и ЦСКА Москва – Олимпија Милано со почеток во 19 часот вечерва и официјално ќе стартува новата сезона од Евролигата.

Улогата на бранител на трофејот ќе ја има тимот на Фенербахче, кој ќе се обиде да стане третиот клуб во овој век што успеал две години по ред да триумфира во елитното европско натпреварување (по Макаби во 2004 и 2005 и Олимпијакос во 2012 и 2013 година).

За разлика од ланскиот тим Фенер ќе го нема во своите редови Македонецот Перо Антиќ, кој се пресели во Црвена звезда, но и Богдан Богдановиќ и Екпе Удох, па јасно е дека задачата да се остане на тронот ќе биде исклучително тешка.

Системот на натпреварување останува ист, секој против секого дома и на гостински терен, за потоа најдобрите осум екипи во плејоф-серии да се борат за место на фајналфор турнирот.

Во останатите средби вечерва се среќаваат: Бамберг – Макаби Олимпијакос – Басконија и Уникаха – Фенербахче.Утре колото се комплетира со натпреварите Жалгирис – Црвена звезда ,Химки – Валенсија и Барселона – Панатинаикос .