Работнички и Шкендија одиграа нерешено,Пелистер сигурен,Победа со пресврт

Ренова со голем пресврт успеа да слави со 3-2 во најинтересниот денешен натпревар од осминафиналето во Купот на Македонија против второлигашот Струга Трим Лум.

На полувремето „гипсарите“ губеа со 0-2 од Струга Трим Лум, кој дојде до предност со головите на Ветон Хани во 16. минута, и Аљтин Лога во 25. минута. Но, составот на Влатко Костов успеа со пресврт да слави во самиот финиш. Со головите на Гафури во 72. минута и Нафиу во 76. минута „гипсарите“ израмнија на 2-2 а победата ја донесе Арџент Гафури во 90. минута.

Со пресврт во второто полувреме, со 2-3, славеше и прилепска Победа против Брегалница во Штип. Најпрво штипјани со голот на Горан Здравков уште од 3. минута поведоа. Победа израмни преку Неданоски во 48. минута, потоа стрелаа Илиески и Борче Маневски за водство на прилепчани од 1-3, а конечните 2-3 ги постави Стефан Мишев во 77. минута.

Пелистер во Битола славеше со 4-2 против Борец од Велес. Пелистер поведе со голот на Матеј Цветаноски во 28. минута. Во второто полувреме, на 2-0 зголеми Фереира во 48. минута, на 2-1 намали Андреј Кудијан во 61. минута, а за 3-1 за Пелистер се погрижи капитенот Мартин Ковачев во 77. минута. На 4-1 во 87. минута зголеми Фереира, а конечните 4-2 и надеж за гостите пред реваншот донесе Ѓорѓи Танушев со гол од пенал во 92. минута.

Тетекс одигра 2-2 на гостувањето против Кожуф во Гевгелија и покрај предноста од првиот дел. „Штофарите“ прокацкаа и предност од 0-2. Предност од 0-1 донесе Марио Станковски уште во 10. минута, а на 0-2 зголеми Иво Јанакиевски во 67. минута. На 1-2 намали за домашните Ристенски во 87. минута, а конечните 2-2 ги постави Томче Гроздановски во 93. минута.

Силекс славеше со 1-0 против Академија Пандев во Кратово. Стрелец на голот за Силекс беше Игор Филиповиќ во 23. минута од натпреварот.

Скопје е веќе со една нога во четвртфиналето откако славеше убедливо со 3-0 против второлигашот Еуромилк ГЛ со головите на Дарко Ѓурчиновски, Филип Јаневски и Милош Џугурдиќ, сите во второто полувреме.

Во најинтересната пресметка од осминафиналето, Работнички и Шкендија одиграа без победник (1-1) на стадионот во Ѓорче Петров. Први поведоа гостите со голот од пенал на Бесарт Ибраими во 39. минута, а израмни Филип Дурански во 73. минута.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ОСМИНАФИНАЛЕ (први натпревари)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ПОБЕДА 2-3 (1-0)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 1-1 (0-1)

Битола: ПЕЛИСТЕР – БОРЕЦ 4-2 (1-0)

Тетово: РЕНОВА – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 3-2 (0-2)

Скопје: СКОПЈЕ – ЕУРОМИЛК ГЛ 3-0 (0-0)

Гевгелија: КОЖУФ – ТЕТЕКС 2-2 (0-1)

Кратово: СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-0 (1-0)

ВАРДАР – ШКУПИ (одложена)

Реванш натпреварите се играат на 18. октомври