Претседателот Иванов се сретна со командантот на Националната гарда на Вермонт, Стивен Креј

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими генерал-мајор Стивен Креј, командант на Националната гарда на сојузната држава на Соединетите Американски Држави, Вермонт, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, биле разменети мислења за долгогодишната плодна соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии.

Претседателот Иванов го поздравил стратешкото партнерство на Армијата на Република Македонија со Националната гарда на Вермонт изразувајќи уверување дека успешната соработка со оваа сојузна држава во делот на одбраната претставува можност за проширување на соработката и во други области од заемен интерес.

Македонскиот претседател истакнал дека Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за членство во НАТО алијансата, а со учеството во мировните мисии де факто се однесува како членка на северно-атлантската организација, и во тој контекст изразил очекување за натамошна интензивна американска поддршка, со цел Република Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО.

Генерал-мајор Креј оддал признание за севкупниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии, и додал дека САД како и досега ќе продолжи да биде поддржувач на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури.

Во 2012 година претседателот Иванов ја одликуваше Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги.