Од денеска почнува „Гола Месечина“

На отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“ од денеска, почнува Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Фестивалот ќе се отвори со претставата ЛАЖГОВЦИ ВО НЕВОЛЈА од Ентони Нилсон во режија на Здравко Митков во продукција на Сатиричен театар „Алеко Константинов“ од Софија, Република Бугарија.

За време на фестивалот публиката ќе може да ужива во седум претстави од Македонија и странство.

Сите претстави почнуваат во 21:00 часот, а влезот за граѓаните е бесплатен.

Меѓународниот фестивал „Гола Месечина“ ќе има натпреварувачки карактер, со тричлена жири комисија. Ќе се доделуваат четири парични награди и тоа награда за најдобра режија, за најдобра машка и за најдобра женска улога, како и гран при за најдобра претстава.

Фестивалот годинава се одржува по четврти пат со што прерасна во традиционална манифестација која континуирано наидува на одличен одѕив кај публиката, која за претставите бара столче повеќе.

Инаку, фестивалот го организира Театар Комедија со финансиска поддршка на Општина Аеродром и Министерството за култура.