Одбојкарите во група со Украина, Унгарија и Швајцарија во квалификациите за ЕП 2019

Македонската машка одбојкарска репрезентација ќе игра против Украина, како и против селекциите на Унгарија и на Швајцарија, во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2019 година.

Нашите одбојкари по ждребката се сместени во групата Ф, и ќе имаат можност да и се ‘одмаздат’ на Украина, која ги совлада во финалето на Европската лига.

Следното Европско првенство ќе биде со 24 репрезентации, а 12 места се веќе пополнети, а останатите 12 ќе се добијат низ текот на квалификациите.

Квалификациите тргнуваат на 15 август следната година кога се игра првото коло, а завршуваат на 9. јануари 2019 со шестото коло.

Од седумте квалификациски групи, пласман на ЕП 2019 ќе изборат првопласираните селекции од секоја група, како и најдобрите пет второпласирани репрезентации.