Казнета докторката на чие дежурство починаа четири бебиња на ГАК

Докторката од Клиниката за гинекологија и акушерство која пред околу три недели била дежурна ноќта кога четири новороденчиња починаа во таа јавна здравствена установа, шест месеци ќе зема 30 отсто помала плата и ќе работи само прва смена под надзор на колеги. Ќе и биде одземена и субспецијализацијата за неонатологија

Ова е одлуката на дисциплинската комисија за која денеска информираа од комисијата, а е прифатена од страна на директорката на директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска.

– Ја прифатив одлуката на дисциплинската комисија со која се согласувам. Одлуката на дисциплинската комисија е дека докторката е казнета парично максимално и одземена и е субспецијализацијата во тој период. Овие шест месеци, додека е казнета, ќе работи само од изутрина, под надзор на колеги и нема право да дежура во некоја друга установа. Ова е конечна одлука, изјави денеска Јовановска.

Членот на дисциплинската комисија, Сашо Стојчевски рече дека одлучиле со мнозинство гласови да се прифати оваа казна која е практично заснована на статутот на Клиниката за гинекологија и акушерство и Законот за здравствена заштита.

Посочи дека не била утврдена стручна одговорност кај докторката од посебната комисија на Министерството за здравство која ги испитувала сите случаи на четирите смртни случаи на новороденчиња.

– Стручна одговорност кај докторката нема и одлуката се темелеше само на дисциплинската одговорност. Прекршокот е утврден, казната е доставена согласно прописите и законот. Сметаме дека ова би требало да биде соодветна казна на колешката која го има направено овој дисциплински пропуст, односно прекршок, додаде Стојчевски.

Од Клиниката информираат дека додека била на дежурство докторката направила два прекршока: го напуштила работното место без да побара замена и не се појавила на породување со царски рез.