Изложба и концерт на гости од Израел на Скопско лето

Изложбата на фотографии „Мојот Ерусалим“ на Шломи Ерусалим од Израел, ќе се отвори во среда во Фоајето и платото на Македонска опера и балет, во соработка со Амбасадата на Израел во Македонија.

Шломи Амсалем е израелски фотограф кој е роден и израснал во Ерусалим. Тој студирал во градот и е активно вклучен во заедницата на Ерусалим. Шломи беше еден од основачите, а сега е и волонтер во организацијата „Speedy Recovery“ („Брзо опоравување“) која се стреми да го олесни престојот на младите пациенти и нивните семејства во болниците.

За прв пат во Македонија, специјално за Скопско лето, на 19 јули со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт „Ладино богатство“ на Коби Ошрат (гитара и вокал), Галит Гијат (вокал), Ејал Хавив (клавијатура и хармоника) и Адам Тал (гитара, мандолина и ут) од Израел, на Плоштадот „Мајка Тереза“ (плато пред Македонска опера и балет), во соработка со Амбасадата на Израел во Македонија.

Коби Ошрат е композитор роден 1944-та година во Хаифа. Со богато меѓународно реноме и искуство, добитник на многу награди, тој исто така работи и како аранжер и диригент.

Галит Гијат е израелска актерка и пејачка со успешна 25 годишна кариера на тв екраните, во театрите и кино салите.

Адам Тал е гитарист со повеќе од 16 години искуство во свирење во живо и снимање во студио. Тој освен гитара свири, ут, бузуки, мандолина и други инструменти.

Ејал Хавив е пејач и пијанист во израелскиот воен ансамбл при израелските одбрамбени сили.