Замрзнат мјузиклот за Тоше од 100 илјади евра „Тајно моја“ поради ревизија во МОБ

Мјузиклот за Тоше Проески, „Тајно моја“ не е повеќе на репертоарот на Македонската опера и балет. Се откажува и најавената балканска турнеја. Причина пари. Од раководството на МОБ велат дека засега немале средства за ваков голем проект. Најавија негово целосно ревидирање.

Илија Рајковски, в.д. директорот на МОБ, изјави дека иако имало преговори за балканска турнеја на мјузиклот, но таа засега е одложена. Според него, парите за турнеја со кои располага МОБ се 20 илјади евра, што е премалку. За проектот според пресметките потребни се дополнителни 130 000 евра.
Парите за создавање на „Тајно моја“ беа обезбедени од Министерството за култура, како дел од годишната програма на МОБ. Побаравме одговор од ресорното министерство дали и во буџетот за оваа година се предвидени средства за изведбата на мјузиклот посветен на Тоше.

Не е точно дека претставата е стопирана. Тој проект воопшто не бил дел од програмата за работа на МОБ на репертоарот за 2017 година. Министерството за култура сака добро да ги испита наводите и индициите за штетност на повеќе договори а во контекст на овој проект ќе ги испитаме сите документи околу самата негова изведба и балканската турнеја која што е предвидена со тој проект. Резултатите на ревизијата ќе ги споделиме со јавноста.

Од ресорното министерство потврдија дека проектот нема да се најде на репертоарот на МОБ до крајот на годината.
Мјузиклот во чест на Тоше Проески, во режија на Тони Михајловски и по либрето на Огнен Неделковски беше премиерно изведен на 24 март годинава и имаше десет изведби. Главните улоги ги толкуваа Антонија Гиговска, Денис Димоски, Весна Петрушевска, Игор Џамбазов и Дејан Лилиќ.
Неизведно е кога и дали повторно македонските граѓани ќе ја имаат можноста да го погледнат проектот посветен на македонската музичка легенда Тоше Проески по повод 10 години од неговата смрт.