Египет воведува визен режим за државјаните на Катар

Египет воведува нови правила за влез во земјата на граѓани од Катар, според кои ќе се бара жителите на Катар претходно да добијат визи за престој на определен временски период, соопшти денеска безбедносната служба на каирскиот меѓународен аеродром.

Овие визи ќе ги издаваат египетските амбасади во странство. Новите правила ќе стапат во сила од 20 јули и важат за сите аеродроми, копнени и морски премини кон Египет.

Исклучок ќе има само за членови на семејствата на Египјаните, како и за катарски студенти кои учат на египетски универзитети. Тие можат да добијат тримесечна туристичка виза при слетување на еден од египетските аеродроми.

Мерките од страна на Каиро се воведени откако на 5 јуни неколку арапски земји, меѓу кои и Египет, ги прекинаа односите со Катар, обвинувајќи го за поддршка на тероризмот и мешање во нивните внатрешни работи.