Во Чифте амам, изложба на колажи од Тања Таневска

Изложба на седумдесетина колажи од Тања Таневска, насловена „Ликовна симфонија на душата“, вечер во 19.30 часот ќе биде отворена во галеријата Чифте амам во организација на Националната галерија на Македонија .

„Тања Таневска е скромна, чесна, искрена и вредна личност, токму како и нејзината уметност. Нејзините слики не се наметнуваат туку привлекуваат. Пренесуваат мисли во бои, звуци, пораки… Таа е уметница-мислител која го крие својот аналитички ум. Гради остров на мир и љубов. Откако го пронаоѓа својот сопствен свет и јазик на уметноста и ја осознава уметноста на сликање, на сликата ѝ приоѓа со внимание и почит. Таа не е следбеничка на големите предци и правци во уметноста, бидејќи создава оригинална иконографија. Сликите (колажи) се создадени во комбинација од осаменост, вечна борба, мистерија и реалност, поезија, музика и драма. Заради сето тоа нејзината уметност бара внимателен пристап за да биде разбрана. Делата не се воопшто едноставни, зашто нивната повеќеслојна суштина ќе ја разбере само човек со цврсто, но великодушно срце. Оваа лирска сторија е испишана со обоено мислење, психолошко, метафизичко, музичко.