ВМРО-ДПМНЕ: Уште 3 недели до најавеното потпишување на договорот со Бугарија, а јавноста единствено што знае е подготвеноста на Заев да ги брише учебниците по историја

Остануваат уште три недели до најавеното потпишување на договорот со Бугарија, а јавноста единствено што знае е подготвеноста на Заев да ги брише учебниците по историја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Додека Заев најавува бришење на учебниците пратеникот во Европскиот Парламент, Андреј Ковачев јавно без тронка срам изјави дека Македонија има 100% фалсификувана историја. Тоа според Ковачев е основата на која се базира договорот за добрососедство кој Заев го договори во Софија. Заев молчи на сите изјави дадени од бугарски функционери кои претставуваат директен напад врз Република Македонија иако тој како премиер е должен да ја брани Република Македонија и да работи во нејзин интерес. Македонскиот народ има право да знае какви отстапки направил Заев, бидејќи експертите од Бугарија толкуваат дека со договорот се става крај на македонизмот, а сиот овој атак не само што не беше демантиран, туку беше премолчен од институциите предводени од СДС, се вели во соопштението.

Уште поскандалозно, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е што на сето ова МАНУ како највисока стручна и научна институција во државата нема никакви информации што содржи договорот со Бугарија, кој Заев го преговараше во Софија. Неприфатливо е МАНУ да замижува пред нетранспарентноста на Владата.

-Таки Фики како претседател на институција со најголем научен потенцијал во Македонија треба од Заев да побара увид во договорот кој е од особено значење за државата. Молкот на МАНУ и на Таки Фики за вакви суштински прашања, отвора простор за нови напади и нови омаловажувања. ВМРО-ДПМНЕ е за градење на добрососедски односи базирани на взаемно почитување. ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи се што е во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава, се додава во партиското соопштение.