Владата ќе го пречека Хан со акциски план за итните реформски приоритети

 Владата подготвува драфт агенда со мерките и активностите кои треба да се преземат во контекст на евроинтеграциите, а кои ќе му бидат презентирани на еврокомесарот Јоханес Хан за време на неговата посета во Скопје во понеделник.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи пред денешната тематска седница на Владата посветена на процесот на евроинтеграциите, изјави дека целта е да се потврди силната волја за спроведување на реформите и да се искористи позитивната клима што се создаде, како што рече, по формирањето на новата Влада на релациите меѓу Македонија и Европската унија, но и во регионални рамки со оглед дека три држави од регионот наскоро ќе претседаваат со Европската унија почнувајќи од Бугарија, потоа Австрија и Романија.

– Ние се обврзавме дека агресивно ќе ги адресираме идните реформски приоритети. Гледаме прозорец на можност да се фатиме на таа енергија, на таа позитивна клима за да можеме да испорачаме што е можно побрзо и да можеме прво да ја тргнеме оваа условена препорака, а по локалните избори да добиеме чиста препорака без услови за евентуално да добиеме шанса за датум за отпочнување преговори, рече Османи.

Тој рече дека Хан ќе присуствува на владина седница, што е вели преседан и укажува на посветеноста на Брисел да ни помогне на патот на евроинтеграциите, а на нас е да испорачаме резултат во конетекст на очекувањата од ЕУ.

Информира дека Владата веднаш по средбите во Брисел формирала ад хок експертска комисија која подготвува акциски план за тоа што може да реализира за да ги исполни очекувањата на меѓународните партнери и тоа конкретизирано во цели и мерки – кракорочни и долгорочни, како и институции со временска рамка кога треба да се реализираат.

Османи нагласи дека во својство на координатор со реформските процеси ќе се инсистира на спроведување инклузивен процес со вклучување на граѓанското општество во подготовката на патоказот за реформи. За таа цел во наредниот период ќе се спроведат широки консултации со невладиниот сектор, а побара и вклучување на Собранието, на политичките партии од опозицијата и од власта, на сите институции кои се поврзани со евроинтеграивниот процес, бидејќи, како што посочи, овој процес не е на Владата туку е државна, национална агенда.

– Паралелно со агресивното адресирање на итните реформски приоритети работиме на уште еден план, отстранување на политичките пречки на патот на евроинтеграциите. Затоа утре патуваме во Бугарија, земјата која што ќе претседава со ЕУ. За да бидеме високо на нивната агенда при претседавањето, но и да ги решиме билатералните отворени прашања со нив. Рамковниот договор е ставен во овие реформски приоритети за да затвориме уште едно прашање кое е на нашата агенда, за како единствено нерешено прашање да го оставиме прашањето за името, кое е емоционално комплицирано, за кое ќе треба време во отстранување на предрасудите и во градење на мерки на доверба за да не оставиме причина на нашиот пат кон евроинтеграциите, посочи Османи.

Во однос на посетата на Бугарија, Османи укажа на барањето во декларацијата на албанските политички партии дека и Албанците треба да се вклучат во разговорите со соседите со цел, вели, да се покаже дека нема прашања во Македонија кои ги адресира само една етничка задница, туку симболично ќе покажат дека говорат во еден глас. Бујар Османи ќе биде дел од владината делегација што ќе ја предводи премиерот Зоран Заев за време на посетата на Бугарија утре и задутре.

Одговарајќи на новинарско прашање што содржат мерките за спроведување на итните реформски приоритети, тој појасни дека се работи за конкретни мерки и цели што може да се реализираат во наредниот период, а се во рамки на тоа што е разговарано на средбите во Брисел и што ЕУ го очекува од нас. Ги издвои поглавјето избори и подготовките за закажаните на 15 октовмри локални избори, потоа реформите во Собранието во конекст на инклузивен процес на носење на одлуките.

Во однос на Рајнхард Прибе, кој Османи го нарече сининим за реформите, најави дека доаѓа во Македонија ден по посетата на еврокомесарот Хан за да направи пресек на она што досега е сработено и да даде нови насоки. Германскиот експерт потоа ќе ја посети Македонија повторно во јули